КРУЖЕН ТЕК
Можеш ли да се сретнеш со себеси?
Кога мигновено
капките ќе почнат
да ја делат
својата убавина,
ќе можеш ли тогаш
да ја дотуркаш
сопствената приказна?
Птиците
го одржуваат својот лет,
предизвикувајќи го јатото
да им се придружи.
Мислата
ја јаде површината
од кутијата
во која затворени
се чуваат
само најскапоцените
животни вештини.
Окото
е тајниот пријател
или непријател
чиешто сетилно искуство
ја опишува потребата за
продолжување на патот.
Кога повторно
ќе ја сретнеш лутината,
би ја поканил ли на дуел?
Колкупати ли
среќата ја повикуваш
во моментите кога
важноста на потребата
од себеисполнување
ја надминува границата
на трпение…
Можеш ли да се сретнеш со себеси?
xxx
Тенка е линијата
помеѓу
заборавот и минатото.
Како капки вода
што одѕвонуваат,
така немирот царува
кога ќе сфатиш дека тоа не си ти.
Тенка е линијата
помеѓу
љубовта и неспокојството,
страста и стравот,
помеѓу двете очи
кои гледаат и љубат.
Единствено
ангелот што
ја погледнува виолината
може да ја надлета
несовршеноста…
Зашто музиката
го опишува
и тоа што постои
и тоа што не постои,
од двете страни на тенката линија.
Лидија Размоска Тримовска