НОТР ДАМ ГОРИ, Долорес Атанасова-Лори

НОТР ДАМ ГОРИ

Прво се јавија загрижените,
рекоа Гори! Леле, каква катастрофа!
Потоа се јавија згрозените,
рекоа Гори! Уф, ми се превртува сѐ во утробава…
Па се јавија жедните за чуда,
рекоа Гори! Само крстот не!
Се јавија научниците,
рекоа Гори! Златото се топи на 1064°C, затоа не!
Се јавија и рамнодушните,
рекоа Гори. Каде е овде железничката станица?
Се јавија владите, богатите и оние што ги нишаат вратите,
рекоа Гори! Шокирани сме! Човечиња, дајте ги платите!
Се јавија сиромашните, бегалците од границите,
гладните и жедните, заборавените и забаталените,
рекоа Гориме!

 

ОБИЧНО НЕДЕЛНО УТРО

Многу љубам кога наутро се будам
со желба за дотерување,
па го натнувам фустанот,
го ставам цветот во глава,
го земам ѓубрето и чекорам накај контејнерот,
среќавам комшивка, ме гледа со куфер,
ми вели Среќен пат, ѝ викам
го фрлам в контејнер, нема каде да одам,
одам понатаму, друг комшија си ги шета децата,
децата ги следат линиите на плочникот,
не го креваат погледот од земјата,
понатаму друг го извадил базенот и бара каде е дупнат,
ќе прави езеро, во езерото го собира дробното телце
на внучето и неговите стапала до глужд,
понатаму старецот од први ми вели Прости,
понекогаш кога не ги носам очилата, не ти велам Добро утро,
другпат прозбори ми, ќе те познам по гласот,
понатаму е пекарата, внатре живеат ѓевреци, симит-погачи и лебарки,
јас сум на ред, јас сум на чело од опашката,
секој дел од опашката е на два метри оддалечен еден од друг,
последниот дел е жена во години, тазе фарбана, мрмори и брбори: лелеколкучекањезаеденѓеврек…
Ја прашувам дали мене ми зборува, ми вели
Јас? Се врти околу себеси и ми вели Овде нема никој,
човекот зад мене се насмевнува,
продавачката ми вели немала ситно,
ѝ викам да ѝ платам со биткоини ако не,
си одам дома со моето растечено лице зад маската.
Таа е човек.
Тој е човек.
Јас сум човек.
Ова се трите кученца што некој ги фрлил, друг ги прибрал.
Човекот е вирус.

 

ЗБОР ПО ЗБОР

Сега ќе ги замолчиме
сите убави зборови меѓу нас,
ќе ги направиме неми сведоци
на сè што сакаме да си кажеме.
Ќе негуваме погледи на лутина
и погледи полни тапост,
ќе проаѓаме еден до друг
со студ и далечина меѓу нас,
ќе ги однесеме убавите зборови
во времето тивко, суво и пусто,
кога сè уште не биле измислени.
Кога ќе снема еден од нас
сите зборови меѓу нас
ќе се наредат во колона,
и збор по збор,
бескорисно, бесцелно, ќе талкаат,
ќе паѓаат во бездната на некажаното,
онаму каде што е доцна што и да се каже.

Долорес Атанасова-Лори

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија