РАЗДЕЛБА, Сузана Мицева

РАЗДЕЛБА

Дојди ми на последното капење
да го измиеш животот и сиот срам.
Што собрало телово, а твое е – да си земеш
душата рекоа последна си оди.
Дел по дел ќе ти се предавам:
Најпрво срцето ќе се смири
па погледот ќе им го вратам
на зениците твои
и здивот на крај ќе ти го вдахнам.

Остани уште да ти се исповедаат очите,
Двапати ќе си сведок на сопствената смрт
двапати ќе си сведок на сопствената смрт.

 

БУДЕЊЕ

Се враќам откај самотијата.
Волци ме испраќаат со виеж
дури гората слегува од моите плеќи.
Ти ми чуваш стража,
месечевата прашина да ја додржам
со обете дланки.
Светат ноќите со спокој
оптегнати како кошула на жица
на врвот на надежите.

 

СМРТТА МИРИСА НА ЕСЕН

Рајот доѓа како дожд
на прозорецот.
Рано е да се умре утрово.
додека питата сѐ уште се пече.
Соседот бичи дрва,
крововите се симнати
семејната утроба фаќа влага.
И песот ‘ржи негодувајќи.
Во мојата улица
смртта мириса на есен.

 

НЕДООРАНИ ЛЕИ СО НАДЕЖ

Треви како војска исправени до реката
-почесна стража на копачот
што толчи камења во жито.
Радиото му порача на полето:
„Тутунот и годинава не вреди
две жолти банки“.
Сѐ што земјата ќе роди за бадијала
има боја на злато.
Со таа мисла секој ден
одам до нашата нива
и пак ред по ред
тврдата кора ја ријам
од меѓниот трап до врбата.
Тешко се наоѓа смисла:
има отворени конзерви,
загубена гумена чизма,
шраф за вентилот на пумпата.
„Може ќе ти треба, тате,
кога ќе се сретнеме
отаде вировите – загуба“.
Да го поставиме моторот
и да пуштиме вода
додека ги ладиме главите
во недоораните леи со надеж.

 

ОВА Е ВРЕМЕ ВО КОЕ ЗА СЕКОЈА ПЕСНА СЕ БАРА ИЗВОД

Моите песни се такви копилиња.
Раноиспилени пилиња
немаат потекло, ни име ни извод.
Се раѓаат недоносени,
Покосени во сон. Под напон.
Песните се јалови кучки
што лаат по сокаците
ги тешат просјаците
ги исмеваат простаците
и туку ќе довлечкаат некој нов стих.
Нов изрод без извод.
Без татко, без мајка,
сиропиталишни стихови,
стара слика без рамка на шајка
везови на скрнава блуза
и малку блуз,
та, та на гладот.
И одеднаш некој рече во градот:
-Не можете да ги отпечатите.
Треба да потпишете и платите.
Да врачите документ.
Извод на родените, на впишаните,
на откажаните и венчаните,
на приведените, разведените, повредените.
Извод од секој завод.
За секој вод-наод.
Сѐ со потпис во од, за над и под,
за туѓинец и род.
И уште за копилињата-
на татковците презимињата.
Моите песни-кучки
за секоја случка по еден бод
но немаат извод.

Сузана Мицева

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија