АХРОНИЈА
Во плакарот се наредени
куп здиплени џемпери во разни бои.
Во секој од нив
ја чувствувам топлината
на мајка ми.
Таа старее,
а јас станувам уште помала
во лавиринтите на меѓувремето.
Стрелките на часовникот се разминуваат
во свој ритам.
Никој не е постојан во своето време
и не исчезнува надвор од него.
PRINT SCREEN
Кога би имало опција Print Screen
на текот на мислите,
многу спомени и планови нема да завршуваат
во кантата за отпадоци.
Бубачките во главата би биле поспокојни,
барем за миг.
БЕЗ ОСТАТОК
Ти натежнува животот
на двете дланки.
Во едната сите афирмации
како контратежа
на сите негации
во другата дланка.
Вистинските копнежи
како пламени јазици
го горат суштинското
без остаток.
Љубица Шопова