WINTER SKY
Ден преполн со тишина.
Облаците мали коцки
истргнати од мозаикот на пладнето.
Голите снегулки
прават непознати пируети.
Боите стиснати една во друга
потопени во белината
ги привлекуваат сите линии
точки неоткриени
создавајќи светови кои не можат да се дофатат.
Осамените светлинки
скитаат во ноќта
ја раскинувааат
кршејќи ги стаклените сенки
изговорени во мене…
Никогаш доволно боја на платното.
КАРТАТА НА СВЕТОТ, ГОСПОДАРОТ И ЈАС
На картата на светот
јас сум убод од игла
е толку, толку сум голем.
На картата на сегашноста
се е во две димензии,
третата димензија сум јас
заробеник на надежта
кој се тетерави на врвот од иглата.
Молитва
помеѓу две трепнувања.
Ја молам случајноста
Господарот да не ја извади иглата
да не одлетам
да не пропаднам
да не заминам
НА АГОЛОТ
На аголот од мојата улица,
чудовишта го делат времето
како да е леб од домашната фурна на дедо ми
одделувајќи резанки со големина на небо.
На плоштадот
играта на Боговите е толкување на фактите.
На масата
колач од заборавени мечти.
Капките вода на дланките прават оригами.
Пред прагот
секоја раскрсница
станува простор меѓу два брега.
Го затворам прозорецот.
ОБОЈУВАЊЕ
Облаците веќе ја нацртале картата на времето.
Расфрлани белутраци, горе долу
по хоризонтот.
Од вратата на небото
ѕвездена птица
ги довикува врвовите на планините.
Цветовите во градината
знамиња побратимени со децата на ветрот.
Над главата
заспани континенти
разбушавени парталави
расеани по мерата на случајноста
ја докажуваат блискоста на атомите.
Разделени мориња
се провираат меѓу хартиените бродови.
Реки засипнати
го разделуваат рељефот од камен.
Патеки изрезбани од сонцето
жедни за нашите чекори.
Се обоено – несторено.
10 МИНУТИ МОЛК
Не сонуваат само тие кои ги знаат можностите.
Времето е странец
своите пораки ги запишува
на балсамирани листови.
За она што ќе биде
лагата е сосем доволна забава.
Кога ќе изчезнат насоките
зборот е патот до дома.
Милчо Мисоски – „СТАКЛЕНИ СЕНКИ“ 2020 год.
книгата е во издание на издавачката куќа Антолог.