ПЕСНИ, Виолета Танчева-Златева

СВРДЕЛ

Што да правам со овие
порои од информации
што неуморно се влеваат
во моето тело како
море

Овие разуздани шумови
што незапирно навираат низ ушите
го длабат мозокот
со својот остар сврдел
и бараат да го запоседнат
Не се разбираат од збор
од ишкање и падење
Тврдоглави се
инаетливи
и самодопадливи
Не ги интересира моето мислење
Само моето тело
го сакаат –
оваа дупка во која ќе паднат
и ќе се загнездат
како лоши вируси
што бараат месо
да се размножат
да го скапат

 

ОСТРОВИ

Седнати на брегот
ги чекаме бродовите
што ќе нѐ однесат
по ширното море

Сонуваме за неоткриени острови
што како големи риби
се мрешкаат во неговите води
за чудни овошја и тревки мечтаеме
што ќе нѐ остават вечно млади

Седиме на брегот
и веќе предолго чекаме
спарушени
како цвеќиња на жешкото сонце

Виолета Танчева-Златева

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија