КОЈ Е ВАШИОТ КРЕАТИВЕН ЦЕНТАР?
Во поезијата, барем за мене, не постои класичен и фиксен креативен центар. Јас верувам дека поезијата не може да се твори по желба, туку единствено по потреба, а потребата доаѓа тогаш кога емотивниот капацитет е исполнет со надворешни дразби што едноставно мораат да бидат регистрирани од поетскиот поетскиот сеизмограф – поетот. Токму затоа, не сакам да творам во удобноста на одреден простор или одредена тема, сакам да истражувам, сакам да се ставам себеси пред што е можно поголем број предизвици. На тој начин, верувам дека ќе расте и ќе се развива мојот стих, но и самиот јас. Оти ние двајцата сме нераскинливи.
КАКОВ Е ПРОЦЕСОТ НА ПИШУВАЊЕТО?
Како автор, кој се има испробано и во поетскиот и во прозниот книжевен простор, можам да констатирам дека процесот на пишување варира од бурна стихијност до методичка и планска прогресија. Во секој случај, пишувањето е поврзано со потребата на авторот да креира, да создава нови светови, а тоа не може да се изведе во било кои услови, време и простор. Како и процесот на раѓање на човек, и процесот на раѓање на песна или роман започнува тогаш кога циклусот на растење или внатрешна ферментација е завршен. Потоа пишувањето се креира само. Авторот е само медиум во целиот процес. Токму затоа, пишувањето не може да дојде по желба… Во тој случај, ќе ве убие белината на листот пред вас…
ДАЛИ ПЕСНАТА МОЖЕ ДА ИСПРОВОЦИРА НЕШТО КОНКРЕТНО? НА КОЈ НАЧИН?
Секако дека може и не само што може, туку и треба. Самата песна е испровоцирана и самата таа провоцира. Таа е створена како реакција на нешто и сама по себе предизвикува реакција кај оној кој ја консумира. Тоа е незапирлив процес. Обично истата дразба што ја креирала песната продолжува и кај консументот, кај читателот, секако филтрирана преку емотивниот спектар на поетот. Интересно е што покрај тоа поезијата има и капацитет да предивика воодушевување, без оглед на тоа дали буди ведрина или тмурност… Воодушевувањето е оценка за умешноста на авторот. Но сепак до овде, зборуваме за чувства. Поезијата има капацитет и за повеќе од тоа. За конкретни работи. Конкретни како солза, како насмевка, како подавање рака, како прегратка… Во тој нејзин капацитет се содржи нејзината моќ да го промени сиот свет.
ШТО И СЕ ЗАКАНУВА НА ПОЕЗИЈАТА ВО ДЕНЕШНО ВРЕМЕ?
Апсолутно ништо! Поезијата е првата пишана форма на творење и верувам дека ќе биде последната која ќе опстои од овој наш хомосапиенс-цивилизациски изблик. Точно е дека постои атак на поезијата од не-поезија, од квази-поезија, но тоа никогаш нема да биде вистинска закана за една универзална величина. Тоа е како да се плашите дека облаците можат да бидат закана за уништување на сонцето. Сѐ што можат е привремено да ја измамат нашата перцепција дека силата на сонцето е намалена. Вистината е дека сонцето е непроменето и неафектирано. Афектирани се само нашите сетила, кои создаваат погрешна перцепција. Ниту дигиталните времиња не ѝ можат ништо. Како што папирусот го заменил каменот, за да биде заменет од хартијата, така и хартијата ќе биде сменета од електронскиот екран. Тоа е еволуциски процес. Но тоа е само начин на кој поезијата се запишува. На поезијата не ѝ е важно КАКО ќе биде запишана, многу ѝ е поважно ШТО содржи во себе.
КОГА ПОЕТОТ ЗНАЕ ДЕКА ПЕСНАТА Е ДОБРА?
Тогаш кога песната ќе почне да зборува многу повеќе отколку што поетот имал намера да каже. Тоа значи дека песната ја откинала својата папочна врвка од поетот и започнала да живее. Добила своја форма, содржина и длабочина, свои нивоа на перцепција, нивоа за различни длабочини на читање, нивоа за различни читатели, зависно од тоа кој колку умешност и храброст има да се нурне во неа.
Игор Крајчев