***
Најлесно се движиш
помеѓу животни и деца
Ја држиш нивната радост во своите раце
како јајце
Животот блескоти во
кршливата лушпа
Ти си дете меѓу децата
една од стадото
и дури и бикот
ја положува својата глава
во светоста на твоите раце
***
Честопати ги бараш мајка ти и татко ти
и прашуваш како се
Порано те потсетував
дека се мртви
Се чудеше
како е можно да го заборавиш тоа
си мислев
дека тоа е една од работите
за кои морам да бидам искрен
Но тогаш почнуваше да реагираш
како да го слушаш ова
за првпат
Ме праша
зошто не ти било кажано тоа
и дали веќе се одржале погребите
Сега кога ќе прашаш
како се твоите родители
Ти велам добро се
И се надевам
дека не лажам
***
Гледаш низ прозорецот
и очите ти се замаглуваат
Полека облаците се распрснуваат
и за миг
Од јасното синило
заросуваат капки
Имав толку многу пријатели
Каде се изгубија сите?
Наместо одговор можам само
да те гушнам
и да лажам
Бидејќи вистината е премногу болна:
Боледуваш од Алцхајмер
Но ти си таа
што е заборавена
Препев од англиски: Јулијана Величковска
ИЛМАР ЛЕХТПЕРЕ е естонски поет и книжевен преведувач. Превел дваесетина книги од естонски на англиски јазик, особено концентрирајќи се на творештвото на Кристиина Ехин, чиешто дело во негов превод има освоено бројни награди, меѓу кои и наградата од Поетското друштво „Попеску“ за европска поезија во превод, при што била препорачана како книга за превод, а била и номинирана за уште една „Попеску“ награда. Неговата лична поезија, заедно со песни од Сејди Марфи, е објавена на англиски јазик во книгата „Талкање пред зори“. Книгата е преведена на македонски и романски јазик, а одделни песни се објавени и на ирски.
Корица: Јован Димоски