КОН ПОЕТСКАТА ЗБИРКА „ТЕЛА“ ОД СЛАВИЦА ГАЏОВА СВИДЕРСКА

Сѐ е залудно ако не погледнуваш кон ѕвездите
кон поетската збирка „Тела“ од Славица Гаџова Свидерска

Се држам до ставот дека поезијата не се анализира. Нема потреба за такво ситнење и лаичко дообјаснување, уверена сум дека на тој начин грубо се допира поетот, неговата интима, а во секој случај нема да научиме ништо ново, освен пишаните зборови, а зборовите без смисла се како овошка без плод. Читателот, оној којшто го љуби поетскиот збор потребно е да се осами, да го исчисти грлото и во некоја своја пронајдена тишина да ги исчита тие стихови во сопствениот глад, во тие мигови, тие зборови веќе не се на поетот, туку читателски откровенија. Ваков експеримент направив со поетската книга „Тела“ на поетесата Славица Гаџова Свидерска, и знаете што, почувствував како низ телото ми струи животот, онака како што треба да го живеам – во склад со сопствените можности, а не по повод општествените желби.

Поетската книга „Тела“ е поделена на четири циклуси, коишто ја опејуваат нестандардната, но длабоко суштинска функција на телото, она тело каде нашата душа ја добива убавината на овој свет.

БЕБЕ

Твоето тело
е замесено од ѕвездена прашина
и небо и мириса на домашен леб
млекото што го цицаш
потекнува од млечниот пат
твоето тело
колку земско,
толку небеско
има очи полни љубов
за уште десет милениуми
исконска невиност
и насмевка
што го спасува светот од исчезнување.
Еден ден
и твоето тело ќе се зголеми
ќе се издолжи,ќе се рашири,
ќе се спознае самото себеси
ќе гризнеш од јаболкото
ќе сети страст
ќе сети болка
еден ден
и твоето тело ќе се збрчка,
ќе се наведне
и повторно ќе заборави да оди
но дотогаш
твоето тело замесено од ѕвездена прашина и небо
ќе мириса на домашен леб
и секој ден
ќего спасува светот од исчезнување.

Дали нашите бебиња ќего спасат светот од исчезнување?Дали овој свет и на нашите бебиња ќе им се закани по живот доколку постојано делуваат онака какоќе размислуваат дека е правилно, а не прифатливо, ако сакаат да го намалат профитот, а да го зголемат кавалитетот на меѓучовечките односи?

СМРТНИ ТЕЛА

Брзаме, брзаме
каде ли сакаме да стигнеме
со мазните негувани тела
брзаме да создадеме спомени
фотографирајќи ги моментите
пред да се случат.
Во желудниците ни се вртат пилиња
а не сакме комарец да не касне.
Постојано ја бришеме правта
сакајќи да го победиме космосот што ни ја праќа
Во библиотеката имаме статуетка на Ерос
оти лицето на Танатос не го знаеме
ама тој насекаде се протнува
секаде се провлекува
како во кошмар
во кој не можеш да ја затвориш вратата
ни да ја заклучиш
имаме само една правосмукалка за борба
на крајот
ќе не вовлече и нас
оти
прашина
сме и ние.

…„во желудниците ни се вртат пилиња/а не сакаме комарец да не касне“…Наградата за овој живот е смртта. Секојдневно паѓаме сѐ подлабоко во вртлогот од времето кое нѐ прочистува пред да не врати во мирнотијата на создавачката експлозија, каде Танатос е само обичен вратар и вечен љубовник на Ерос. Постојано ја собирам прашината под креветот мислејќи дека ќе откријам нешто драго, но тоа се само остатоци од нечии суштествувања чија циркулација коагулирала, а светов веќе не им е дом. Ништо страшно, светот е ограничен во материјата, а таа постојано се менува, доказ за тоа е пеперутката.

БЕЗИМЕНИ ТЕЛА

Безимени тела
исфрлени, расфрлани,
распарчени
од нагазни мини, од рачни бомби
камшикувани
тетовирани жигосани прогонети
покажани со прст
од дефинираните стандарди за убавината
понижени во семејно насилство
изгладнети во насилството на државата
прејадени во насилството на консумеризмот
без раце без нозе
со извадени жолчки пресадени бубрези
и надградени нокти
сите вие безимени тела по земјата
скапувате и во земја се претворате.
Телата се имиња
ги пресоздаваат во гипс,
во бронза или во мермер,
ама и тие позеленуваат
ги детронизираат и ги обезглавуваат
им ги корнат плочите
и на нивното место поставуваат нови
се е залудно
ако не погледнуваш кон ѕвездите.

Преценета е стандардната убавина, естетиката на грдото има поголема суштина и некако повеќе душа- човек ако се избори со темничиштето во мракот, темницата преку ден може да ја смета како дел од временската прогноза. Стандардната убавина е шарена лага за просечните уживатели (жители) на овој свет ,,се е залудно ако не погледнуваш кон ѕвездите“.

KРАТКА ИСТОРИЈА НА ТЕЛОТО

Набодено од рогови на мамут
растргнувано од диви ѕверови
што понекогаш
ти се преселуваат во градите
Некогаш покриено со густи влакна
што сега ги отстрануваш
како најголем срам
спалувано и силувано
жигосувано и оперирано
украсувано и накитувано
те принесуваат како жртва на боговите:
некогаш те хранат како фармакос,
некогаш те прегладнуваат
и те претвораат во логорско сениште
со тебе се храни челуста на историјата
те полнат со хемикалии
ти го забрануваат чистиот воздух
ти буричкаат во спиралите на ДНА
те клонираат, па те истребуваат
со двете раце свои раце отвораш пат
копајќи тунели во планините
а нечии други раце ти копаат по артериите
Во тебе населуваат микроби
како што ја населуваш планетата
иако тврдат дека последниот
пршлен треба да те потсетува
на опашката што некогаш ја имаше.

Медиумската писменост прерасна во елементарна неписменост, низ насловите пливаат правописни грешкикои ја извртоперуваат лексикологијата, така што навремено постанавме грешно информирано општество, латиницата се труди да ја замени кирилицата, а постојано си ги заборава надредените знаци, така што недоразбирањата се зад секое ќоше, по повеќе искривени слики ја бараме вината во нас, а бесот го прикриваме со медикаменти. Сѐ ќе беше полесно во овој свет, ако сѐ што е создадено работеше само за намена за која е наменето, говорот да шири љубов, лекарот да лечи, човекот да работи според можностите на своето тело, прекумерно оптегнатата корист ја кине жицата напрвичното постоење на човекот

ПОВРЗАНИ ТЕЛА

Ништо не е случајно
Како што
Ми ги спушташ
Засуканите ракави од пижамата
Така се спушта и ноќта

Потоа заедно
Пловиме низ вселената
На нерамниот душек

Како што ги одвојуваш
Долните трепки од горните
Така ги здогледувам одблизу
Првите фотони
И така денот
Го спознавам.

Кога сум во територијата на својата потполност, целото мое тело пее фалбени песни кон свемирот, секоја идна прашинка од мене добива функција на идна погодна почва за миризлив цвет. Важно е, многу е важно човек со кој ги дели своите најсочни страсти, низ кои се дели душата и бидува нов живот, оти тој здив е дел од вечноста, која ако не е задоволена во потполност, земскиов живот го прави пекол.

ТЕЛО:ВСЕЛЕНА

Ако си воздух
А јас вода
Ќе испарам

Ако си вода
А јас воздух
Ќе заврнам

Кусотијата е предводена од јаснотијата, од чистиот вдахновен израз во условена форма. Сѐ е создадено во точниот миг, за некогаш кога ќе се изгуби патот на животот, човекот да не лута, туку да ги набљудува ѕвездите, гол без придружба на вражулиња по џебови, гол во душата, затоа што сѐ е енергија и тоа ако ја немам мојата потполност до мене, се обидувам да ја пронајдам онаму од каде што потекнувам.

ЕТЕРИЧНО ТЕЛО

Твојата етерична рака
Ги брише
Сите жигови
Што ни ги ставаат
пред да ни стават нож под грлата

Доволно е
Да ги затвориме очите
Да не кренеш нас паднатите
Ничкосаните

Со трошни тела
Од земја
А во земјата внатре –
Небо

Не сум сама. Боледувам поради тоа што избегнував да те узнаам во целост. Неброени пати додека светот ми мафтал со кандило над глава, ти си го вклучувал денот, ти дадов “од ракав’’ пол, по јакоста со која го убедуваат моето срце да биде меко и трпеливо, а мојот ум мудар и брз во љубовта, без ограничен пол, а гладот никогаш не ми бил мотивација да ожеднам од тебе, оти ситоста ме уморува, а жедта по тебе ме усмртува, а што сум јас без моето небо.

***

Што е поезијата?

Будење на духот во ограниченото материјално тело, спознание до најситната болка и лечење до најмирната состојба. Не сите и не веднаш ќе ја разберат поезијата на Славица Гаџова Свидерска, па и моите доживувања, некои да, ќе имаат повторно читање со ново разбирање, а тоа зависи од тоа каква вистина бара духот, дали е сит, дали е жеден, не е сеедно дали боледува или е здрав, секој цвет бара соодветна нега. Со маргинално читање на поезијата на Славица Гаџова Свидерска, разбрав дека е неопходен лек против незнаењето, против буквалното читање на знаците. Каква корист од од одличната циркулација ако духот е беден и неписмен. Никаква.Оваа книга, им ја препорачувам пред сѐ на младите луѓе кои само што нѐ пристапиле кон будењето, на учителите за слобода, на родителите кои не сакаат нивните деца да бидат современи робови, на љубовниците чија цел им е да водат љубов единствено со нивните сродни души, затоа како што пишува Славица Гаџова Свидерска „сѐ е залудно ако не погледнуваш во ѕвездите“.

Биљана Т. Димко

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија