Шири поезија, не страв

„Шири поезија, не страв“ е меѓународен проект, формиран од малтешкиот поет Антоан Касар. Проектот под наслов Spread poetry, not fear ја виде светлината на денот во ноември 2015 година, најпрво во форма на страница на социјалната мрежа Фејсбук, а потоа и со бројни читања. Страницата е напишана на англиски јазик.

Здружението за развој и едукација на културата и уметноста „Фуснота“ се приклучи со македонска страница и проширување на Spread poetry, not fear, со цел достапност на македонската поезија во пошироки рамки.

Spread poetry, not fear најпрво е следена од словенечката страна, а подоцна и од хрватската и холандската страна:

Slovenian: Širi poezijo, ne strahu
Croatian: Širi poeziju, ne strah
Dutch: Blijf kalm en deel poëzie

Проектот „Шири поезија, не страв“ се појавува како одговор против говорот на страв од медиумските манипулации по терористичките напади во Париз на 13 ноември 2015 година од страна на Антоан Касар, кој по тој повод има напишано:

„Сосема е нормално човекот да се плаши. Но, помалку е разбирливо да се биде преплашен. Се соочуваме со атмосфера на страв, милитаризација, медиумска манипулација и непријателство, па достапни нѝ стануваат антидепресивите и многу други параноични лекови. Поезијата е еден од начините преку кои можеме да го вратиме емотивниот баланс, духовноста и јасноста на умот како поединци и како општество.

Проширувањето на границите преку поезијата без страв, претставува проширување на слободата преку храброст, пријателство, разноликост, внатрешен и надворешен мир, а преку поезијата во секојдневието како да се биде подобар човек. Поетите како Адонис, Елиот, Неруда и многу други се „плашат“ на позитивен начин, преку метафори што ротираат од внатрешниот кон надворешниот свет. Соочувањето преку храброста со сето тоа што нѐ плаши – можеби со нашите најмрачни мисли, да одговориме на настаните околу нас или начинот на кој се соопштуваат тие настани – е само еден од начините како да се надмине анксиозноста и чувството на немоќ“. (Антоан Касар)

Цртежите за македонската страница се изработени од страна на уметникот Владимир Лукаш.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија