достава до дома
човек со точак
ми влегува во дневната соба
од големите уши му капе
масло за коса
има голем нос и скинати ногавици
слегува од точакот
има голема уста, а не вели ни збор
маслена дамка на подот
можеби престанав да ги разбирам луѓето, ама
што сака овој човек?
помислувам да го понудам со сок од јаболко
и тогаш ја нарушува тишината
со шашливите очи разгледува наоколу и вели:
да, вие нарачавте револуција?
Кокаин
Зимата шмрка долги
црти
брашнест снег во ноздрите
Измивање
Под одреден сноп светлина од
светилката во бањата изгледам исцрпено
како мојата прапрапрабаба
што имаше осум деца на оваа возраст и
си беше супер, деветтото дете почина
од туберкулоза, ја слушам Џoан Баез
од метален предмет во дневната соба и
си драматизирам со брчките за разонода оти
знам дека овие долини
под очиве ми се од
планината над селската црква
на баба ми која си беше супер и
се мачкам себеси со синкави креми, мерам
забен конец во големина на дланката
од проѕирно кутиче и го
гасам светлото како што
таа
би сторила за да штеди
Сама на грчки остров I
Грција е црно-бела
го видов тоа
во филмот за Зорба
и врне
толку силно
што траектите се одложуваат
до десет часот
сепак не е точно
како што често се тврди
дека убавите луѓе
таму умираат
од бурниот аплауз
на грдите
всушност тоа често се случува
но никогаш овде
„Достава до дома“ ̶ Сигурбјорг Трастардотир
Препев од англиски: Јулијана Величковска
Сигурбјорг Трастардотир (Исланд, 1973) е автор на осум стихозбирки, два романа, неколку збирки со ултракуси раскази и неколку изведени драми. Нејзината стихозбирка „Маршови на факли“ (Blysfarir) била номинирана за Наградата за литература од Нордискиот совет во 2009 година, а ја освоила Исландската награда за литература за жени ̶ Fjöruverðlaunin. Потоа била објавена во Германија и во Шведска. Нејзините песни се преведени на десетина јазици, од фризиски до француски јазик. Соработува со многу фотографи и композитори и редовно пишува колумни за неколку електронски и печатени весници во Исланд.
Дизајн на корица: Андреј Павлов