Ќе се вратам за миг, рече,
и ја остави вратата отворена.
Оваа ноќ беше посебна за нас,
врз шпоретот се готвеше зајак,
таа насече кромид, крукчиња моркови
и парченца лук.
Не ја зеде наметката,
не се нацрви, не прашав
каде заминува.
Таква е таа.
Никогаш немала точна претстава
за времето, доцни на средбите, само
тоа го рече ноќта –
Ќе се вратам за миг,
дури и не ја затвори вратата
Шест години по оваа ноќ
ја сретнав на друга улица,
и ми се чинеше уплашена,
како некој кој се присетува
дека ја заборавил пеглата
или нешто слично…
Го исклучи ли шпоретот, ми рече.
Сè уште не, реков,
овие зајаци се прилично жилави.
Георги Господинов
Превод од бугарски јазик: Никола Маџиров