ТВОРЕЊЕ,
Алеш Мустар

Кога би се хранеле со метафори
сигурно би ги замесиле од остро брашно.
Колкупати пробав со интегрално,
ама тестото при месењето
постојано
ми се распаѓаше под рацете.
Со години е така.
Толку сум гладен, буквално прегладнет…
Ема денес се врати нерасположена од училиште,
зашто мора да напише бајка според постојните правила.
Толку рецепти имаме дома
што оправдано очекува родителска помош,
ама рецептот на Проп не можеме да го најдеме.
Пробувам да замесам нешто одоко,
но не ми оди.
Иако за оваа пригода зедов бело брашно,
морфолошките елементи на волшебната бајка
ми се лепат за прстите.
Не можам да ѝ помогнам.
Толку е мала, а веќе пред прва творечка криза.
Утехата дека и мене слично ми се случува
би била бесмислена.
Дури молкум месам, размесувам…
одеднаш под прстите
сеќавам волшебна моќ.
Во квасецот бил проблемот, а не во брашното!

 

Алеш Мустар

Препев од словенечки јазик: Лидија Димковска

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија