да се биде дете на родители загинати во војна,
да се биде дете на разведени родители,
или дете од Африка на џамбо плакат,
да се живее во завод за хендикепирани лица,
да се има клуч од социјален стан,
да се добива помош во брашно, масло,
памук и стапчиња за уши,
да се има жиро-сметка за трансплантација на коскена срж,
да се живее во СОС-село со Голема мајка на девет деца
и тетка што доаѓа еднаш неделно
да пегла алишта и да игра карти,
да се спие во картонска кутија пред парламентот
или во метро на метропола што приредува собир на високи државници,
да се биде кукла во народна носија
наместо сообраќаец на раскрсница,
децата да посвојуваат родители, а не обратно,
да се пие на екс крвта за да не оксидира,
да се биде тироидна жлезда на семејната политика,
да ти течат лиги од некои луѓе,
а од некои, пак, да ти стои грутка во грлото,
да се чува најмеката бришалка за гостинот од странство,
а најтврдиот кревет за самоубиецот што преживеал,
да се биде раска во окото на Бога,
да се собере сознанието во лажичка леплив сируп,
да ти бидат ставовите испрани чорапи
што не си го наоѓаат својот пар,
да не ти се повеќе точни ни кожата ни земјата,
да се обеси за манастирската липа
човекот што последен ти го бакна челото,
да се биде актуелна тема за нискобуџетен филм,
папокот да се повлече пред јазикот,
а јазикот пред живата мера на духот,
да се стане постанар на сопственото постоење,
да станеш свесен дека животот е игра на непливач
со бранови повисоки од него.
Лидија Димковска