Подари ми ја твојата вулва. Твоите заби.
Твоите коски. Твојот здив. Твоето сонце. Твојот воздух.
Твоите мисли. Твоите прсти. Твојата сенка.
Твојата крв. Те посакувам. Го посакувам твоето море.
Ги посакувам твоите дрва. Ги посакувам твоите бои. Ги посакувам твоите зборови.
Го посакувам твоето крајбрежје. Ги посакувам твоите привиденија. Ја посакувам твојата светлина.
Ја посакувам твојата страст. Го посакувам твоето молчење. Ја посакувам твојата бездна.
Сето тоа го посакувам. Уште повеќе те посакувам тебе. Твојот оган го посакувам.
Неподвижноста на воздухот. Жарењето на ледот. Цветот на праската.
Спокојот на земјата. Јанѕата на коњот. Мирисот на твојата девојка.
Далечината, која никогаш не ја преминуваш, а секогаш
сонуваш за неа. Рибите од коралите, кои те милуваат.
Водопадите на ноќта, кои те затвораат во јазикот на осаменоста.
Треперејќи те посакувам. Жестоко те посакувам. Разголено те посакувам.
Меѓу бамбуси и тополи, во пејзажот на црните косови.
Допри ги моите очи. Моите патеки и
секундите, кои ја претставуваат вечноста на природата.
Тоа се лисјата. Тоа се децата. Тоа се твоите подморски
светови. Тоа е крвта на буквите, тоа се гладните усти за сол
на твојот грб. Зграпчи ги, додека уште горат.
Пиј ги долго. Бидејќи времето не е важно,
ниту годините, ниту местата, ниту начините
како ќе го направиш тоа. Ветерот се оддалечува,
бара и пронаоѓа во опустошениот пејзаж
како и јас, кој останувам и пишувам,
за да можеш да ме посетиш во било кое време.
Доцната осаменост. Знае за боите. Го чувствува студенилото.
Ги слуша брановите. Го кине утринскиот весник.
Дува во облаците и во тревата. Ги вее семињата
на габровите. Останува и заминува. Пее и чека.
Подари ми го своето одење. Подари ми го твоето дишење.
Подари ми ги твоите ноќи. Темните џепчиња на радоста.
Вителот на недостижните усни. Тетратките, во кои
никој не го запишува моето име. Онаа воздишка.
Онаа надеж. Оној мрак, каде што се губиш и никој
не може да те најде, ниту во книгите, ниту под ќебињата, никаде.
Иван Добник
Превод: Драгана Евтимова