Паднав среде срцето на светот
а сакав светот да го сместам во него
и да го именувам
за свое средиште
Зошто толку брзо се менуваат параметрите?
Дали толку малку успеа татко ми
да ми пренесе од физиката
или самата сум виновна што далдисана
по стиховите на светот
заборавав да ги слушам мудрите поуки?
На кој бог треба да му се заблагодарам
или да го искудам
за случајностите
средбите
разминувањата
и ситните доцнења
што внесуваат крупни промени
на платното на животот?
Паднав среде срцето на светот
и еве ме пак про’ртувам со млад никулец
за ново раѓање
и го устремувам зелениот ластар кон небото
Не е важно паѓањето
Суштината е среде срцето
Виолета Танчева Златева