Поетскиот облик во збирката „Коњска Троја“ на поетот Шаип Емерлаху е своевидна провокација за читање, но истовремено и за толкување. Во оваа поетска книга поезијата е мост меѓу поетот/читателот и светот, па вистински предизвик е да се нурне во поетското патување на поезијата на Шаип Емерлаху.
Од стилско – семантички аспект забележливо е дека песните имаат згуснат израз и збиени сентенци, па така добиваат конзистенција на мудра изрека или мисла на крајот од песната, каде што неповторливите форми располагаат со оригинален поетски заклучок. Поетска книга започнува со песната „Коњска Троја“, односно песна што носи наслов како и книгата. На тој начин, за читателот што одлучил да патува низ стиховите на книгата е вешто нуднување во поетската авантура заедно со поетот и така ја инкорпонира индивидуалната слобода во изразот, соопштувајќи му на читателот буквално што сака и со тоа го примамува да се согласи со поетскиот наративен глас: „што ни остана од Троја /освен коњот/ со татнежот на измамата“, вели авторот во песната „Коњска Троја“.
Секоја од песните има сопствена динамика и херметички збиена форма, што е своевиден маркер, кој воопшто не е ограничувачка, туку напротив: пред читателот се отвора цел еден свет на размисли, преиспитувања, а просторот е широк и непрегледен, полн со значења. Токму оригиналноста на оваа поетска книга е претставена преку присуството на некласични поетски форми, напротив, во песните авторот одлучил да се препушти на волшебната игра на зборовите, со кои создава лично перцепирање, како на пример во песната „Кога изгледот зрачи ѕвезден танц“. Имено, овде е забележително и тоа дека повеќето песни наликуваат на хаику-исечоци, каде што преку краток заклучок се разоткрива личното, поетско размислување:
жална вест за Поезијата,
…почина ПOETОТ
кога душата ви е обземена од земјотрес
и се кршат флеки од ова горчливо писателско-бегање
отворете една поезија,
со звук…
Поетот ќе го почувствува нејзиното постоење
Ќе се појави Метеорски дожд
Во просторијата во средината на преминот
Збогувањето мора да се каже….
Секако, песната и авторот заемно се сплотени и започнуваат да живеат еден свој, самостоен и независен живот, природно како дишењето, оригинални и слободни од времето, а сепак, длабокко верни еден на друг и на себеси. Ваквиот пејзаж на поетската душа е еден вид и индивидуална борба. Песните дишат во ритамот на сопственото естетско задоволство, преточено во стихови, конечно и во превод на македонски јазик од преведувачот Ремзи Салиху. Во песните не се присутни многу зборови, напротив, визуелизацијата е сочинета од кратките строфи и едноставно составената порака на адекватен начин. Поетската отвореност цврсто е вгнездена во неограниченото постоење на вековите. Троја и нејзината автентична постојаност, пронаоѓањето на приказни што се со недофатливи пространства и краткотрајноста на поетот пред времето, но воедно и уживањето во средбата со неограниченото постоење на Троја низ вековите. Иако годините носат старост, се чини дека тоа не важи за Троја. Тоа е оној момент кога поетот се соединува со Троја, каде што под небото се спојува со раскошот на постојаното и каде што се издишува животот. Троја, каде што никогаш не постои ограничувањето, претставена како лирски објект и субјект, па така во песната „Ништо не останува без негатив“, поетот вели: „и најситното нешто /остава анатомски траги“. Метафората со Троја е една форма на историски патоказ за настанувањето на животот, којшто нѐ остава без зборови, а Троја е сама по себе доказ за својот раскош. Ако поимот уметност се однесува на креативноста на еден уметник, поет, тогаш „Коњска Троја“ е спонтана дарба на поетот Шаип Емерлаху за моќта да се задржи недоискажаното и да се претвори во беспрекорна одредница на историјата.
Можеби тоа е најдобрата можност да се задржи спокојот и искачувањето кон повисоките скалила, да се изоди цврстиот пат во историска смисла. Креативната перспектива на Шаип Емерлаху ја потенција минливоста на животот и најсилната желба на поетот да се спои со неизгасливата искра низ вековите: „не ми проштевај /Господ е голем“, вели во песната „Изгубено време“, односно жалењето на својата минливост, како што се случило и со Гилгамеш, но во „Коњска Троја“ нема ограничување, но затоа пак, ограничувањето е сеприсутно во самиот живот. Песните се комбинација од пејзажни слики со дескриптивен карактер; и отелотворување на длабоки копнежи; херметичката збиеност на песните е исполнета со нагласување на човечката минливост, но и нагласување на нашата осаменост. Така, поетот целосно успева да не врати на самиот почеток, каде што се чувствува незгаслива желба за надмоќ, за живот над краткотрајниот момент на едно ретроспективно задоволство. Поезијата на Шаип Емерлаху е ослободена од сите традиционални норми и во неговите песни целосно доминира отвореноста и едноставноста на нештата, флуидноста и перцептивноста за анализирање и откривање на светот и борбата за себепрочистување. Без заобиколувања, предрасуди и без декорирања, со длабоко нурнување во стиховите како мало истражување, се продира во значајните фрагменти од животот.
Во стилот на Шаип Емерлаху доминира смиреноста, како и сетилното спознание за надворешната перцепција на светот, како огледало во чиј одраз јасно се преплетува визуелниот и вербалниот текст, а со тоа се поттикнува љубопитноста на читателот на индиректен начин без ограничување. Се сокрива и повторно се појавува автопортретот на Троја, а истовремено егзалтира низ тишината, како во песната „Карти на циркус во ТВ“ со стиховите: „излези, излези, излези, / направи убедливи карти од циркусот“.
Уметноста нема граници, а поетскиот збор е неограничен, флексибилен, приспособлив и еластичен, па затоа поезијата на Шаип Емерлаху заслужува уживање од страна на читателите, како пред албанските, така и пред македонските. Сега ја имаме „Коњска Троја“ во препев и на македонски јазик од страна на Ремзи Салиху. Честито!
м-р Драгана Евтимова