АТЛАНТИДА,
Гаврило Миловановиќ

Ми се растопуваш по прстиве како акварел
те цртам на платното со кое музите ангели се покриваат
капки танц и гејзери од балзам врел
исчезнуваат како шепот во моето уво бездна, се сокриваат.
Гласот ти трепери од мисли и воздишки леплив кашмир,
се влажни од усните на зајдисонцето,
се слепивме образ за образ како смола
онаму каде што зборовите престануваат да зборат.
Светот е тишина од плодова вода и вакуум,
грицок од прсти и мајчино млеко од амброзија.
На врвовите од пупките на хоризонтот
………………….си ги лулкаме ноџињата,
од тишината на биг бенгот создаваме експлозија.
Се удираме голи од ѕидовите на атомот кревет,
усните ни се перници исполнети со пердуви од кајмак и чоколада,
чекорам на прсти по твоето тело,
свет од отисоци градам сладок.
Мек како носе на делфин
како шеќерна волна памук………..
Времето запира на средината од клепсидрата,
секундите ги бројам според твојот пулс,
гледајќи те во очи без да трепнам
го продолжувам животот на љубовта бар за еден ден,
бар за една смрт.
Алцхајмерот е љубовна болест
затоа заборави колку си убава за да те потсетувам везден
и името твое азбука да ни биде
а секоја буква страст………..
Остарени како санскрит да се нурнеме во атлантидата на нашите солзи радосници
и да се удавиме во времето,
како сега и никогаш да не сме постоеле……………

 

Гаврило Миловановиќ

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија