Од ангелски фрактали до земни мандали

кон поетската збирка Скриено писмо од Митко Гогов

Пред нас е новата поетска збирка на Митко Гогов, насловена како Скриено писмо, чии песни се поместени во трите циклуси „Писмо прво“, „Подрум (скриено хаику)“, и „Писмо второ“. Со оваа поетска збирка, Гогов се докажува како зрел автор со изградена поетика и естетика, а песните, иако се зачнати и родени во лирското, се стремат кон филозофското и метафизичкото. 

Авторот, нагласувајќи го моментот на пишувањето, впишувањето, запишувањето, и воопшто, писмото, акцентот го става на проблематиката на времето и темпоралноста, односно на субјектот распнат меѓу конечното и вечното. Лирскиот субјект во поезијата на Гогов е постојано помеѓу сознанието за сопствената конечност и смртност и сознанието за вечноста што ја носи во себе, или, како што вели авторот, земните мандали, односно сликата на (конечниот) свет и ангелските фрактали, односно Божјото во човекот. „Се прекршуваат светлините внатре во нас/, калеидоскопи на вечноста/ си создаваат портали“, вели лирскиот субјект во песната Скриен божилак, додека, пак, во песната Скриена тага, тој сурово се соочува со конечноста, минливоста и трулежноста на човековиот живот, нагласувајќи ја поетската слика на распаѓањето: „од ѕидот направи прашина/ порцеланот почна да се распаѓа/ како влага која полека/ ги одлепува плочките до умивалникот“. Понекогаш лирскиот субјект сурово констатира: „инстантни сме/ како чај од кафемат“.

Меѓу конечното и вечното стои мигот, како конечност што ја кондензира во себе вечноста. И самата структура на поетската збирка, со циклусот „Подрум (скриено хаику)“ поместен насредина, упатува на почесното место што авторот му го доделува на мигот, на парчето време во кое се согледува вечноста, што е впрочем и филозофијата на жанрот на хаикуто. 

Настрана од главната преокупација на Гогов, времето/темпоралноста, тој пее и за болката и страдањето, за осаменоста и за копнежот по (не)достижниот Друг. Меѓутоа, авторот упатува на тоа дека понирањето во себеси, неизбежно поврзан со нагонот на (авто)деструкција на мислечкиот субјект и субјектот што чувствува, треба да се претвори во момент на креација. Тоа го гледаме во извонредната песна  Скриен архитект: „не копај внатре во себе,/тоа можеш,/тоа го правиш постојано,почни да градиш внатре во себе/ ти си архитект на твојата душа, богатството секогаш ќе остане внатре. 

Една значајна карактеристика на поетиката на Гогов се состои во тоа што лирскиот субјект во неговата поезија е најчесто множински „Ние“, или акцентот се става на лирското „Ти“, односно обраќањето до него. Јас-субјектот се појавува во интимистичките песни, и во никој случај не е пренагласен, ниту патетичен: тој е благ, стопен во својата потрага по Другиот; неговиот крик се придушува во мелахолијата и се претвора во надеж за „калеидоскопите на вечноста“ и нивните портали. 

За поезијата на Гогов може да се зборува уште многу, но со сигурност може да се рече дека дека спаѓа меѓу најсилните и најпрепознатливи гласови на македонската современа поезија.

д-р Славица Гаџова Свидерска

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија