Квартети

за читање, гледање, пеење и слушање

Поетската збирка на Владимир Мартиновски, којашто носи наслов „Квартети“ е мултимедијално движење на поезијата преточена во слика, мигот кога поетот го искажува неискажливото низ четири облици на искажување: читање, гледање, пеење и слушање. Нурнување во длабочината на зборот низ ликовните елементи и поигрување на мигот кога патуваш без да се движиш. 

При пишување книга, не треба да се биде дисциплиниран за зборовите да бидат прецизни. Напротив, тие се ослободени од сите можни размисли и само така започнуваат да се движат кружно во нас, до нас, од нас и по нас. Како што рекол Пјер-Жан Жув: „Поезијата е душа што инаугурира некаква форма“. Тоа се случува и во оваа стихозбирка на Мартиновски.

„Музикалните цртежи од поезија“ – како што ги нарекува Елизабета Аврамовска, се индивидуална зборовна мапа, каде што авторот е присутен пред зборовите во моментот на случувањето на сликата. Поетската збирка е поделена на 16 дела, а секој од нив содржи по 4 песни. Бројот четири е поврзан со четирите годишни времиња, со четирите основни математички операции, со четирите благородни вистини во будизмот, орбитите во четирите планети во сончевиот систем … и четирите поднаслови во оваа стихозбирка: читање, гледање, пеење и слушање. 

Некои од песните како да се напишани во еден здив, па во нив е забележлива доминацијата на поетската слика над зборот: „Секој нов здив/раѓа нов/звучен пејзаж“. Во повеќето песни стихот нема минато или иднина, тој постои сега и овде, во самиот момент на нејзиното исчитување: „И чув дека гласот на/се’ што ѕвони или пее/зависи од тоа колку/нештата се празни/и со што се полни“. Забележливо е дека времето заедно со зборовите имаат секакво движење, особена форма и апсолутна имагинација меѓусебно поврзана: „нешто што/не се слуша/само со уши ами/со цела кожа“. Играта меѓу зборовите, сликите и звуците би било штета „да не се стави на бел лист хартија,/па макар и само со црни букви“, бидејќи сликата само се продлабочува пред зборот. Владимир Мартиновски дескриптивно ја прецизира сликата во стилот на дадаичките слики, каде што се рушат како коцки лего сите стари начела и се нагласува расположението на внатрешното духовно поигрување: „ме прашуваш зошто молитвите не се сликаат/т.е. не се гледаат на фотографиите/(се каам што се’ уште немам одговор)“. Во оваа книга субјектот нема двојност, а зборот се прелева „меѓу две воденици и меѓу две рамноденици,/меѓу две разлистувања на сликовници“. Поетската слика не му е потчинета на звукот, таа постои самостојно и истовремено кореспондира со него: „Заедно со гласовите низ градот/се множат и ехата од сликите“. Нашиот Блаже Конески напоменува дека „Поезијата ја брише прашината од зборовите, синтагмите и речениците, и го прави постојано свеж јазичниот пејзаж“. Ако Рембо и Маларме ги ослободуваат сите значења на зборовите и ги пуштаат на слобода, надреалистите поседуваат внатрешна моќ на дејствување, сопствена светлина и значење што „не’ потсетува колку сме ранливи/колку сме кршливи/колку сме краткотрајни“. Поетскиот јазик не е доволен сам по себе за поетот да може да создаде комбинација од слика, збор, движење и музика напишани во стих; секоја страница испишана со сликовитост и ритам во слоговите, со различна должина и форма, а каде што „телото ги губи своите граници/на ова место зборовите не мора ниту да се/изговорат за да се слушне нивното ехо“. Чувството дека нашите мисли се ослободени и неограничени во сопствената форма, е како душа на којашто „воопшто не и’ е/срам да биде разголена/како од мајка родена“. Во однос на тоа Д. Т. Сузуки вели дека „Знаењето е невозможно без гледање; сето знаење потекнува од гледање“.

Не изостануваат ни хаику стиховите. Хаику поезијата, врзана со природна просторност (5/7/5) е заокружена со јасна и конкретна музикалност, во којашто нема никакво натрупување. Вредноста на нејзината мелодичност не се менува и останува добро организирана: „Месечината/има неколку брчки/повеќе од лани“ или „Капат стреите…/капка по капка тонам/во соништата“. Јапонското хаику не дозволува лутања во непотребни мистификации. Напротив, се си има свое место, каде што мистичноста има смисленост и целина. Можноста да се истражува до длабочината и од секое ново соединување да се гради порака, е само репер за сеопфатна поврзаност на светот и поетот во самото хаику. 

Во оваа збирка поезијата е игра, таа е нов доживеан простор низ имагинацијата на сликата, во којашто зборот е неизбришлив и се нурнува длабоко во  центарот на човековото битие, за да се открие новото настанување „во часовник без стрелки,/во стих без антички стапки“. Таа е анализа на звуците во човековата душа, а поетот „ја нацртал/со јагленче за/вечни времиња…“. Односно, збирката поезија на Владимир Мартиновски е само доказ дека „Нема поезија ако нема апсолутна креација“.

м-р Драгана Евтимова

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија