КАКВА Е ВРСКАТА МЕЃУ ПОЕТОТ И НЕГОВАТА ПЕСНА?
Врската е кратка. Трае додека трае запишувањето и веднаш потоа започнува оддалечувањето. Не се идентификувам со тоа што сум го напишал. Колку повеќе време поминало, толку повеќе останува само тој што ја чита песната.
КАКОВ ВИД МЕДИТАЦИЈА Е ЧИНОТ НА ПИШУВАЊЕ ПОЕЗИЈА?
Прво ми иде да кажам: активна медитација. Можам да кажам и: разиграна медитација. Пишувањето е присуство. При читањето умот може да ви заталка, да се чудите кај сте биле последните десетина минути, па да го барате во книгата местото на кое сте се загубиле. Во пишувањето талкањето е свесно, постојано сте тука додека трае. Кога не сте тука, нема пишување.
ДАЛИ ПОЕЗИЈАТА Е КРИТИКА НА ОПШТЕСТВОТО ВО КОЕ ЖИВЕЕМЕ?
Може да биде и тоа, а може и да излезе надвор од општеството. Тажно е поезијата да се сведе само на разговор со општеството. Тоа е како да сте напикале раскош во кутиче кибрит. Малце фаќа с’клет, нели?
КАКОВ Е ОДНОСОТ НА САМОТИЈАТА СО ПОЕЗИЈАТА?
Ми доаѓаат две слики, за почеток. Првата е гласна. Дете заиграно со своите играчки на тепихот од дневната соба додека на телевизорот одат важни вести од земјата и светот. Втората е тивка. Дете седнато покрај езеро, загледано во концентричните кругови што се појавуваат на површината од водата. Има и уште една, трета, таа никако да ми се избистри. Во неа детето има триесет и пет години и го бара детето од првите две слики.
ДАЛИ ПОСТОИ СОМНЕЖ ПРИ ПИШУВАЊЕТО НОВА ПЕСНА?
Ѝ верувам на песната додека ја пишувам. Ѝ верувам дека таа знае повеќе од мене. Тој однос на доверба ми стана многу важен. Јас го знам јазикот, знам како работи, знам дека се може сѐ, дека е сѐ дозволено ако се знаат правилата. И знам дека нешто ме јаде, дека ме глочка некој немир. Другото е препуштање, а тоа е важно. Ако претерам, ќе речам – и неопходно. Важно е да се исчезне. Тоа ми успева ретко, затоа ретко пишувам.
Ѓоко Здравески