МИТКО ГОГОВ

ВАШЕТО ИСКУСТВО НИЗ ГОДИНИТЕ ПОМИНАТИ ВО ДРУЖБА СО ПОЕЗИЈАТА СЕ ОСОБЕНО ДРАГОЦЕНО ИСКУСТВО. МОЖЕ ЛИ ДА СПОДЕЛИТЕ НЕШТО ОКОЛУ ТОА?

Нема години поминати во/ со поезија, има живот посветен на поезијата. Барем за мене е така, од кога знам за себе. Поезијата може да биде активен или пасивен дел од вас, како и музиката, филмот или уметноста генерално, но доколку изберете барем една од уметничките форми на изразување и на доживувања на човечкото постоење, сметам дека секој оној што се посветил искрено има пред сѐ духовен бенефит, но исто така и интелектуално се надоградува. Искуството е би рекол: бесценето!

 

КАКВИ ЧИТАТЕЛИ ПОСАКУВАТЕ ДА ИМАТЕ?

Ги имам читателите кои секогаш сум ги посакувал, отворен сум за секој допрен глас, низ годините бројот на луѓе кои изразуваат интерес за моето творештво расте, а тоа секој автор би го посакал. Посакувам читатели кои читаат посветено, кои со големо внимание ја впиваат содржината, кои умеат да читаат поезија, кои градат посебен однос со делото, отворени се за анализа и секогаш посветени да ја откријат тајната порака во стиховите, чувството скриено меѓу редовите …

 

ШТО МИСЛИТЕ, ДАЛИ ПОЕЗИЈАТА ГО МЕНУВА СВЕТОТ? И НА КОЈ НАЧИН?

Да, секако дека го менува и го менува на подобро. Е сега, да, морам да се согласам дека ваквата промена доаѓа бавно, но еј, ние не сме политичари, ние не смееме да се откажеме. Како организатор на поетски фестивал веќе 10 години слободно можам да потврдам дека оние убави нијанси на промена кај луѓето, барем на оние кои циркулираат околу мене ги забележувам. Поезијата е делотворна, но ни требаат повеќе читатели доколку сакаме таа позитивна промена да ја забележиме глобално. Секако, првично промените се интерперсонални, доаѓаат одвнатре, поезијата како и сите фини уметности го прават човекот подобар за/кон себе, но и за другите, за околината.

 

ШТО Е ЗА ВАС ПОЕТСКА СЛОБОДА?

Е тоа истото, само артикулирано низ пеење на душата.

 

КАКВА ПОРАКА БИ ИМ ДАЛЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ?

Нека читаат и нека ја слават поезијата, ако досега не ја откриле нишката на магичност да не се откажуваат, таа ги чека на некоја од следните страници исполнети со стихови. Поезијата не е нешто најважно на светот, тоа дефинитивно, но поетскиот ескапизам е најубавата медитација и духовна храна. Нека се потрудат да читаат со отворено срце, со прифаќање, со разбирање и со љубов, оти што друго е поезијата, ако не љубов?!

Митко Гогов

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија