СКРШЕН ПОЕТ, Гордана Каракашевска

СКРШЕН ПОЕТ

Ние, кои молчешкум одамна сме си ветиле сѐ,
Во последно време молчешкум се обидуваме да побегнеме.
Ме држиш за рака и знам дека тонеш во твоите секојдневни мисли
А, студено е, Ноември е, прстите веќе не си ги чувствуваме.
Ме држиш за рака но, јас тонам во моите скришни мисли, потонувам,
Тешко дека некогаш тие ќе испливаат на површината,
Тешко дека јас ќе преживеам, дека ќе испливам на површината…
Ќе се удавам во нив, во ова сиво, ноемвриско, студено секојдневие.
Ги одминуваме сопствените очекувања, ги јадеме
Сопствените сонови и сопствените желби ги убиваме во нас,
Ги погребуваме длабоко во нас,
Гледаш ли?
Но, ти на сево ова „Ќе помине„ велиш а јас
О, моја таго,
Таго моја
Јас знам дека е така.

 

ЏИН

на Силвија Плат

Смртта мавта со најзините црни прсти, студот тивко поминува
Не можеш да им се нагледаш, како да си родена за тоа.
Вагнер можеме да го слушаме а, јас се чудам како
ракописот ми станува сѐ полош и полош и навистина веќе ништо не разбирам
што пишува. Ги дешифрирам буквите затоа што зборовите се важни,
имаат значење, тежина.
Јас ги сакам црните признанија. Овде, црно на бело.
Ц личи на мало змијче. Ќе порасне брзо. Црна змија ќе стане.
Нови гласови доаѓаат додека си го средувам денот: Ова е моја љубов,
Ова е мое тело. Моите мисли ставаат крилја и тргнуваат на пат.
Лежиме на плиш. Или, сомот се вели? Или, сомот е нешто друго?
Важно е дека е меко и мазно.
Чувствата ни се од хартија. А, срцата на чија страна се?
Како дишеш те слушам. Тешко.
Со плунка ти го лепам праменот коса што ти капе.
И мавташ на смртта со твоите бели раце. Студот тивко влегува во твоето срце.
Влегуваш во кујната. Една, две… ти останале две тегли со мед.
Мора тоа утро долго да си плачела затоа што очите ти се бели
како бисери, бели како празни чаршафи.
Тоа февруарско утро.
Од мене истекува вселената.
Го намирисуваш мојот страв, мојот страв, мојот страв.
Станувам една од вас, една од многуте.
Дали е тоа некој кој го знам?
Дали морам да бегам вечно?
Ако стојам потполно мирно дали ќе заборавите на мене?
Ако лежам доволно долго, доволно ли ќе биде?
А јас сѐ што сакам е да сум слободна. Кога си слободен,
не знаете какво олеснување е тоа. А слободата ништо не бара, ни цвеќе ни ситници.
Никогаш нема да успеам да ги исчистам твоите нокти а
Триесет години се обидувам.
Моите нозе ставаат лице и тргнуваат на пат.

 

МЕД

Осаменоста сака да ми биде најдобар пријател. И велам: не!,
отсечно и тврдо. Јас немам време за нови пријатели.
Тогаш ќе ти бидам двојник, решително истапува
и веќе јасно ми е дека таа води 1:0. Како тоа?, се бунам јас. Така лесно,
ми се клешти сериозно осаменоста. Ќе ги облекувам твоите чевли,
ќе ги носам твоите кошули
и косата ќе ја чешлам исто како тебе, од десно на лево, вели.
Се стресувам.
Како сенка се лепам за ѕидот. Од страв не смеам да мрднам, не трепнувам.
Во тој миг,точно во тој миг одлучувам да играм итро. Велам:
Не сум јас воопшто интересно друштво. Во дождливите денови бесконечно ја читам
Силвија Плат а таа е навистина црна. А еве, доаѓаат дождливи денови.
Не ме интересираат дождливите денови, вели мојот двојник.
Навечер и наутро молчам,продолжувам јас.
Не е важно. Немам ништо против молчењето, ме уверува.
Ако е досадно и пусто, јас имам пријатели, вели осаменоста. Тагата
прва ќе дојде ако ја повикам. Без канење гости, извикувам и почнувам да ја читам
Силвија Плат во себе. Црно е.
Велиш дека си била таму, во црното. Ми кажуваш за едно мочуриште
во кое ветерот ги погребува листовите.
Велам: Сум била таму. Зборуваш за гавранот и дождот.
Излегувам. Надвор воздухот смрди.
Каде да одам? Јас немам дом.
Осаменоста се врти околу мојата куќа
Ги остава нејзините лепливи прсти на прозорците
а огледалата со насмевки ги исполнува. Госпоѓата осаменост,
толку добра, полна со разбирање и грижлива. Медот лечи сѐ,
така вели госпоѓата осаменост.
Осаменост, осаменост… ти толку внимателно ги собираш трошките
што се ронат незапирливо од мене, бесконечно.
Крвта на животот е поезијата.
И, еве ме мене со шоља чај и лажичка мед
Испарува чајот како животот, како дим низ оџак право во небесите.

Гордана Каракашевска пишува песни и раскази на македонски, италијански, српски и англиски јазик. Нејзините песни се преведени на други јазици и објавени во домашни и меѓународни литературни групи, онлајн списанија како и антологии во печатена и онлајн форма во Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Ги има објавено збирката кратки раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други, ситни зрнца“, збирката поезија „Скршен поет и други поеми“ и романот „Разголување – во година на козата“.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија