ЗАЧЕТОЦИ НА МОЕТО СОЗРЕВАЊЕ,
Исток Улчар

Ги пронаоѓам

во почвата на врвот од стрмниот рид,
во која, не знаејќи дека е неплодна,
го засадив семето на вљубеноста;

во трактатот за слободата
кој го испишував во калта,
користејќи ги единствено
трите букви од нивното име;

во покајничките стихови на исчезнатиот писател,
кои нивниот мек глас ги сподели со мојот жеден ум;

во прерано родените чудаци
чија вечна задача е секоја ноќ
да го гаснат логорскиот оган;

во оклопите на чесните витези
кои смело одлучиле да се борат,
и покрај тоа што немале значење
како вешто се ракува со оружје;

во денот кога црниот човек
пристигна во нашата степа;

во отровното диво шумско овошје,
од кое неславно настрадале безброј
цврсти воини и заведени патници;

во упорниот ветар кој неуморно ја одвикнува
инаетливата река да тече само во еден правец;

во крваво црвениот заод над езерото со боја на сафир,
другарски поздравен од светлината на мртвите ѕвезди
за чие дамнешно постоење сме сѐ уште будни сведоци;

во бледото лице на Месечината,
чии бакнежи свечено чекорат
по ѕидовите на мојата одаја;

во летовите на светулките
кои несвесно ги исцртуваат
патеките на нашата младост.

Ги пронаоѓам
во ехото на некои напуштени мигови,
во боите на некои истрошени предели,

како убијци на моето незнаење,
како зачетоци на моето созревање.

 

Исток Улчар

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија